Откако вчера градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја прозва полицијата дека не постапува по пријава за напад на инспектор од градската админстрација, МВР излезе со соопштение за уапсено лице. Според полицијата, синоќа во 23.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје – Полициска станица Карпош го лишиле од слобода Ф.С.(42) од Скопје поради сомнение дека со уште едно лице агресивно се однесувал и упатувал закани на вработен во Град Скопје кој извршувал службени дејствија.
-Освен агресивното однесување и упатување закани, Ф.С. е осомничен дека предизвикал пожар на дива депонија на ул.„Скупи“. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во соопштението од МВР.
Арсовска вчера објави дека има повеќе напаѓачи на градските инспектори и дека се уште се на слобода, по неодамнешниот напад.
-Истата банда која повеќе пати е затекната во вршење на дела со кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, си продолжуваат со своите активности континуирано дополнети со насилство и закани. Било кој друг да е фатен за истиве дела до сега експресно ќе беше изведен пред лицето на правдата и со судска пресуда казнет за тоа што не труе секој ден, истакна меѓу другото градоначалничката.
Таа побара помош од скопјани за да се истера правдата до крај. Градската мајка се пофали дека градот Скопје исчистил над 300 депонии. За почист град реагираме само ние, дополни Арсовска.