Против 47-годишниот Србин С.Г. со живеалиште во валандовското село Марвинци, и против 51 годишниот М.Ј., македонски државјанин со живеалиште во Виена, Австрија се поднесени кривични пријави за шверц на артефакти. Осомничените се товарат за кривично дело “изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости
Според полицијата на 04-ти мај, околу 03.30 часот на излез од Р.Македонија кај С.Г. се пронајдени 20 антички монети, едно античко копче, додека, пак, при извршен претрес врз возило “Волво С80“ со австриски регистарски таблици сопственост на М.Ј. пронајдени се 47 римски пари, и други археолошки артефакти (еден прстен, една нараквица и археолошки предмет од глина, десет археолошки монети – артефакти, метален етнолошки рулет и една хартиена паковка со девет археолошки монети артефакти, три метални броша, две парчиња археолошки предмети – дел од вага и две парчиња македонски археолошки монети артефакти.
„Од страна на полициските службеници при ГП Табановце пријавените лица се лишени од слобода и истите со Потврда за предавање на лица се предадени во СВР Куманово за понатамошно постапување. На местото каде се пронајдени предметите на ГП Табановце, од страна на стручни лица од НУМ Куманово и двајца археолози е извршен преглед при што е констатирано дека предметите се културно наследство или природни реткости со непроценета вредност.
Со претходно обезбедена судска наредба од страна на полициските службеници при СВР Струмица е извршен претрес во домот и помошни простории на С.Г. при што се пронајдени и околу два килограми непозната растителна материја и неколку стари монети и други предмети. Дополнително, по консултација со ОЈО Куманово одлучено е одземените предмети да бидат сместени во просториите на СВР Куманово се до издавање Наредба од Национална установа Археолошки музеј на Македонија – Скопје кој ќе изврши процена на оригиналноста на уметничките предмети“, велат од Министерството за внатрешни работи.