Уапсени соработници на бугарскиот тајкун Васил Божков

by Fokus

Специјалниот кривичен суд во Софија им одреди најтешка мерка „притвор под стража“ на Славчо Марков и Веселин Балтов, кои се блиски соработници на бугарскиот тајкун Васил Божков.

Двајцата се уапсени вчера во полициска акција, а против нив се покренати обвиненија за вмешаност во криминална група за убиства, изнуда и други тешки кривични дела, организирани од Божков, кој се наоѓа во Дубаи.

Судот го потврди барањето на Специјалното обвинителство двајцата обвинети да останат во строг притвор, а одлуката е донесена по долго рочиште зад затворени врати и строги безбедносни мерки. Засега не се познати мотивите на судиите зошто е забранет јавен судски процес, а бранителите на осомничените се пожалиле дека во судницата не е дозволено ниту присуство на претставник од Адвокатската комора на Софија.

При извршениот претрес на адреси во една населба во Софија пронајдени се фотографии од судии, како и информации собрани за нив, домашни адреси, користени телефонски броеви и друго. Освен за судии, биле собирани информации и за нивните семејства, вклучувајќи ги и децата. Меѓу фотографиите имало и еден висок функционер на МВР. Еден од документите содржел и упатства за снимање на судија и следење на член од неговото семејство.

Обвинителството во Софија покрена истрага против Божков во врска со лажирање игри на среќа, а тој е обвинет по седум точки за криминално дело. Тој во февруари беше уапсен во Обединетите Арапски Емирати.

Поврзани новости