Двајца браќа од Скопје вчера биле уапсени и приведени во полициската станица во Гази Баба поради прозводство и пуштање во промет на дрога. Апсењето следи по претрес во домот на помладиот брат, 27-годишниот Р.Д.
Како што велат од полицијата, по издадена судска наредба, полициски службеници влегле во домот на Р.Д. на улицата „Сава Михајлов“ во Скопје. Таму бил затекнат и неговиот брат 30-годишниот Б.Т.
„При претресот биле пронајдени една вреќа, едно најлонско пакување, еден шприц и вага кои биле одземени и дадени на вештачење. Од вештачењето било утврдено дека во вреќата и најлонското пакување има 558 грама марихуана, во шприцот има 1 мл хашиш и на вагата имало остатоци од марихуана“, велат од полицијата.
Против 27-годишниот Р.Д. е поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, додаваат од МВР.