Уапсени 47 лица во Грција за нелегално производство и трговија на тутунски производи, но и за убиства

by Fokus

Грчката полиција разби криминална организација за нелегално производство и трговија на тутунски производи, а од понатамошната истрага било откриено дека членовите стојат и зад убиства, изнуди, експлозии, физички напади, при што уапсени се 47 лица, а штетата за земјата е над девет милиони евра поради избегнатите даноци.

Директорот на Управата за борба против организиран криминал, генерал-потполковник Фотиос Дуицис објасни дека првично работеле на разбивање на криминалната организација со меѓународен карактер кои произведувале и пакувале голема количина тутунски производи.

Но, од истрагата произлегло дека не станува збор за обичен случај, посочувајќи дека има јасна поврзаност меѓу незаконските активности, како што е шверцот со цигари, со извршувањето на кривични дела како што се убиства, изнуди и тепања, со цел преовладување и консолидирање на доминацијата на криминалните организации над „потенцијалните конкуренти“.

Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду, на денешната прес-конференција рече дека на операцијата што била спроведена на 6 и 7 март ѝ претходела повеќемесечна истрага на надлежните служби, а освен уапсните 47 лица, во предметот се вклучени уште 106 други лица.

– Вкупниот износ на избегнати даноци се проценува на 9.740.533 евра, од кои 7.466.995 евра се однесуваат на посебен данок на потрошувачка и 2.273.538 евра за данок на додадена вредност, посочи портпаролката на грчката полиција.

Дополнително, додаде дека при претресите извршени за време на операцијата во Атина, Солун, во Тесалија, во централна и западна Грција биле пронајдени и одземени: 28,2 милиони цигари; 936 килограми тутун; 24,39 тони тутун; 166.039 евра, пет пиштоли; 74 мобилни телефони; 32 автомобили; осум камиони; мотоцикл; машини за преработка и пакување на тутун.

Поврзани новости