Припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина уапсија 14 лица под сомнение дека организирале мрежа на криумчари на илегални мигранти преку границата со Хрватска. Акцијата со кодно име „Пирамида“ координирана од Обвинителството на БиХ беше спроведена на 16 различни локации низ земјата, во Бихаќ, Чазин, Бреза, Високо, Сараево, Какањ и Велика Кладуша.
Како што беше утврдено во досегашната истрага, уапсените организирале илегално преминување на границата на најмалку 600 лица, од кои стотина се деца.
„Според прелиминарните податоци, таа меѓународна организирана криминална група во изминатите шест месеци остварила финансиска корист од над шест милиони конвертибилни марки (три милиони евра)“, се вели во полициското соопштение.
Разбивањето на таа мрежа на трговци со луѓе е извршено заедно со Управата за криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска и ЕВРОПОЛ и со учество на припадници на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).
Граничната полиција на БиХ наведува дека продолжува да презема мерки за спречување на шверцот на луѓе, особено против организираните криминални групи. Оттаму потсетуваат дека во текот на првите три месеци од годинава полициски службеници и гранични полицајци до обвинителството поднеле 83 пријави против 177 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле 110 кривични дела криумчарење луѓе.