Припадникот на Министерството за внатрешни работи на Србија, кој е осомничен за убиството на млад човек во Прибој, е уапсен во Требиње, соопшти српското МВР, по акција спроведена во соработка со МВР на Република Српска.
„Полициски службеници во Требиње денес го лоцирале и привеле И.А., кој е осомничен дека ноќта меѓу 20 и 21 мај околу полноќ во угостителски објект во Прибој му нанел повеќе удари на триесет и петгодишен маж кој паднал и, како што се сомнева, удрил со главата во шипка“, се вели во соопштението на МВР, пренесоа српските медиуми.
Осомничениот побегнал од местото и по него е започната потрага.
Дваесет и осумгодишниот полицаец работел во Белград, а за викенд бил во Прибој. Како што претходно соопштија од српското МВР, осомничениот во моментот на убиството не бил на должност.
„Полициските службеници привеле две лица на информативен разговор поради сомнение дека по извршувањето на кривичното дело му помогнале на осомничениот“, сооопшти српското МВР.