Уапсен е новинарот на весникот „Лајм“, Бесим Ибрахими, откако излегол на терен за да известува од денешните протести во Скопје, пренесува весникот на албански јазик „Лајм“.
„Тој не информираше по телефон дека се наоѓа во полициско комбе и дека го носат во некоја од полициските станици, но не успеа да ни каже за околностите и причините за кои е уапсен. Тој беше уапсен во 15:20 часот. Се обидовме да го добиеме повторно на телефон, но иако телефонот е функционален, не добивме одговор“, пишува весникот.
„Лајм“ бара од МВР и други надлежни органи веднаш да го ослободат Ибрахими, а од ЗНМ бара да реагира што е можно побрзо за случајот.
„Колегата Бесим Ибрахими од пред два месеца е ангажиран како практикант новинар во „Лајм”. Редакцијата ќе ги преземе сите неопходни мерки за ослободување на колегата Ибрахими“, се вели во написот.