Маж од американската сојузна држава Вирџинија е обвинет за закана со насилство кон потпретседателката на САД, Камала Харис, на социјалните мрежи, набргу откако таа стапила во претседателската кампања, јавува Би-Би-Си.
Френк Кариљо минатиот петок беше обвинет дека објавил заканувачки пораки на конзервативната социјална мрежа GETTR.
Како што е наведено во судските документи, Кариљо е обвинет дека напишал дека Камала Харис „ќе жали што дури се обидела да се кандидира за претседател“ и дека „треба да биде жива запалена“.
-Ќе го направам тоа сам, ако никој друг не го стори тоа- додаде тој во контроверзната објава.
Федералното обвинение цитира неколку други натписи на интернет кои Кариљо ги напишал во кои користел екстремно насилен и заканувачки јазик.
Мета на неговите закани беа американскиот претседател Џозеф Бајден и директорот на Федералното биро за истраги Кристофер Вреј.
Според американските федерални прописи, кој и да му се заканува на претседателот, потпретседателот или други лица во претседателското наследство, се соочува со казна затвор до пет години.