Уапсен Андреа Бонафеде, човекот кој му го позајмил идентитетот на шефот на Коза Ностра

by Fokus

Италијанската полиција на Сицилија го уапси Андреа Бонафеде, човек кој му го позајмил својот идентитет на еден од најбараните италијански мафијашки шефови, Матео Месина Денаро, кој се криел од законот 30 години до неговото апсење во Палермо минатата недела.

Благодарение на Бонафеде, Месина Денаро „можеше слободно да се движи во Италија, да го избегнува законот и да ги користи услугите на италијанското државно здравство без да го открие својот вистински идентитет“, се вели во обвинението.

Италијанските обвинители веруваат дека Бонафеде, наводно член на Коза Ностра, добил 20.000 евра од Месина Денаро за да купи куќа во западна Сицилија, која служела како едно од засолништата на шефот на мафијата.

Месина Денаро беше уапсен на 16 јануари во клиника во Палермо додека примаше хемотерапија, кога ја искористи личната карта на Бонафеде на која била заменета фотографијата.

По апсењето, полицијата извршила претрес во три куќи во кои во последните месеци се криел шефот на мафијата и пронашла сметки од луксузни ресторани, накит и филмски плакати, меѓу другото, од филмовите „Кум“ и „Џокер“.

Месина Денаро беше осуден во отсуство на повеќекратни доживотни затворски казни, а се верува дека е еден од организаторите на серијата бомбашки напади во 1992 година во Италија. Во една од нив загина и познатиот италијански обвинител Џовани Фалконе.

Поврзани новости