Денешното рочиште за предметот „Таргет – Тврдина“ на СЈО е одложено за 19 јуни, бидејќи се чека одлуката на Врховниот суд во Атина по барањето за екстрадиција на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Судијката Џенета Бегтовиќ по консултацијата со Судечкиот совет објасни дека имајќи ги предвид изнесувањата на адвокатот Петар Василев дека правосилната одлука за екстрадиција од Врховниот суд во Атина ќе биде објавена на 18 мај, Кривичен не може да им суди во отсуство. Поради економичност на судскиот процес, Судечкиот совет одлучи да се причека одлуката по барањето за екстрадиција.
Бегтовиќ рече дека на следното рочиште Судот ќе се произнесе по барањето за одвојување на постапката за Грујевски и Бошковски во зависност од одлуката за екстрадиција на Врховниот суд во Атина.
На почетокот на денешното рочиште адвокатот на Грујевски и Бошковски го информираа Судот дека постапката за екстрадиција на обвинетите е во фаза на одлучување во Врховниот суд на Грција во Атина и конечната одлука ќе биде објавена на 18 мај.
Обвинителот Трајче Пеливанов од СЈО, на тоа предложи раздвојување на постапката за Грујевски и Бошковски.
– Сметаме дека постојат особено важни причини да се раздвои постапката, пред се интересот на јавноста, кој предизвика длабока општествена и политичка криза, дотолку што двапати веќе беше одложуван почетокот од истите причини, рече Пеливанов.
Адвокатот Василев реагираше дека не постојат законски основи за раздвојување на постапката во случај кога обвиентите се во екстрадициски притвор и постапката за одлучување е во завршна фаза.
– Неосновани се тврдењата на СЈО и од каде им се информациите дека на следното рочиште нема да биде објавена одлуката, рече Василев.
Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
Претходното рочиште беше одложено поради незавршената екстрадициска постапка што се води пред Врховниот суд во Грција за двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски. Врховниот суд на Грција во Атина одлуката треба да ја соопшти на 18 мај.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.