Твоја партија преку социјалните мрежи се заблагодари на сите граѓани, со гордост додавајќи дека успеале да ги презентираат сите нивни заложби и основни принципи на работа за овие предвремени парламентарни избори.
„Твоја партија е горда со начинот на кој учествуваше на вонредните избори одржани на 15.07.2020 година.
Горди сме затоа што во овие избори не се впуштивме во кампања која се состои од вадење валкан веш на противникот.
Затоа што успеавме да ги презентираме сите наши заложби, вредности и основни принципи на работа.
Затоа што направивме најевтина можна кампања во која се трошеа единствено пари на членовите на партијата собрани преку плаќање членарина.
Затоа што не ја загадувавме животната средина со флаери, огромни тефтери со бесмислени ветувања, билборди и плакати.
Затоа што си се држевме до принципите.
Затоа што не ги лажевме граѓаните.
Затоа што не одржувавме митинзи, не им влегувавме на граѓаните дома и не ги присилувавме на контакти.
Затоа што постапувавме како општествено-одговорна партија која се грижи за јавното добро и здравјето на граѓаните.
Затоа што граѓаните имаа можност да нѐ видат и покрај сите обиди на големите партии да не направат невидливи.
И затоа што успеавме да покажеме дека може поинаку.
Ова беше прва шанса граѓаните да нѐ запознаат, и мислиме дека во идната нема да наседнат на лагата дека глас за помала партија е фрлен глас“, посочија од Твоја партија.