Твитер и Фејсбук блокираа новински материјали за синот на Бајден од Њујорк пост 

by Fokus

Твитер и Фејсбук синоќа започнаа да блокираат статуси и твитови со најновите публикации на весникот Њујорк пост за Хантер Бајден, син на претседателскиот кандидат Џо Бајден.  

За Твитер, ова е прв пат да блокира корисници да постираат линкови од материјали на таков голем информативен медиум каков што е Њујорк пост. 

Потегот предизвика критики од страна на конзервативците, и го поттикна прашањето како социјалните мрежи да се справат со дезинформацијата на претстојните избори во САД. 

Двете мрежи објаснуваат дека во овие публикации има слики со приватна информација. Тие се повикаа и на неопходност од проверка на фактите во публикацијата и „потеклото на материјалите“ во статиите, кои тие сметаат дека се добиени со упад во приватен компјутер. Се претпоставува дека материјалите биле извлечени кога Хантер Бајден го оставил својот компјутер на поправка во компјутерски сервис во Делавер, во април 2019 година.  

Според претставник на Твитер, илустрациите во публикацијата имаат приватна и лична информација како електронска адреса и телефонски број, а тоа ги нарушува политиките за доверливост на компанијата и споделување лични информации.  

Џек Дорси, основач на Твитер, сепак, искажа сомнеж во постапката, изјавувајќи дека одлуката „не е добра“ и дека тимот требал да ја запознае јавноста со повеќе контекст. Компанијата ја објасни постапката во серија од твитови. Политика против објава хакирани материјали мрежата усвои уште од 2018 година. 

Од Фејсбук укажаа дека рестрикциите на материјалот од овој весник се поради неговата валидност.

-Ова е дел од вообичаениот процес да се намали ширењето на дезинформации, изјави Енди Стоун, портпарол на социјалната мрежа.

Поврзани новости