Тутунонижачи и портарки

by Fokus

А замислете да пресметаме колку се вложило во едукацијата на нашите деца што работат токму во Германија, а кои Германија ги добила на тацна. Замислете какво здравство би имале ние за два милиони луѓе доколку во Македонија се вратат докторите и друг медицински кадар кои со години работат во Германија?

Пишува: Катерина Тодороска

Кога бев мала, дел од летото го поминувавме во Прилеп. Најчестата постојка беше домот на тетка ми Љубе и тетин ми Блаже, на ул. 11 Октомври бр. 220, оти ем нивните деца нѝ беа врсни, ем домаќините нѐ третираа како свои. Еднаш не се намуцурија, ниту настрана нѐ погледнаа, еднаш лош збор не рекоа. Така се однесувавме и ние, ич како гости туку како домашни.

И така, летно време во Прилеп се нижеше тутун, најчесто во гаражите со ширум отворени врати. А нижењето траеше и траеше и траеше, чиниш до недоглед. Земаш игла поголема од тебе и редиш лист по лист тутун, а тетка ми растрчуваше де да подготви појадок, де да ги испразни иглите и да ја врзи низата, де да стави манџа за ручек, па пак да ги издудни тутуновите листови и да ги направи низа нанижана. А тетин ми? Е тој, после берењето на тутунот од рани мугри, ги превртуваше кошовите на сред гаража, се подготвуваше за на работа и не го гледавме до 15.15 часот.

Еден ден, во 15. 15 часот, се врати од работа, видно вознемирен. Немаше обичај да зборува „тешки“ муабети пред нас, тоа беше дел оставен за шушкање со тетка ми. Но, ете дојде и ден кога нешто толку го вознемирило, влезе во гаражата каде се довршуваше нижењето и спростирањето на низите на рамки и рече: „Никогаш да не дозволувате да нижат тутун со вас“.

Ниту знаев што рече, ниту разбрав. Само го разбрав наредбодавниот тон, кој содржеше прекор за нешто што не сме го сториле и молба, нешто да не сториме.

По многу години, кога сите веќе станавме свои луѓе, при секое одење во Прилеп задолжително се посетуваше домот на тетка ми Љубе и тетин ми Блаже, на ул. 11 Октомври бр. 220. Во една прилика, додека тетка ми го вареше кафето, им кажував за случката што ми останала во сеќавање од нижењето тутун, зачинета со прекор и молба.

А мојот мудар тетин, Господ мир да му дава, се поднасмеа под мустаќ и почна со својата приказна.

Во Прилеп секој за секого знае сѐ, оти мал е градот. Особено тоа се однесува на девојки или млади невести. Скраја било да се слушни некој лош муабет за некоја, тогаш муабетот со додавки и придодавки се шири низ цел град. А тоа во лето, најлесно се прави кога некој од тутунонижачите, кои помагаат во некоја куќа, ќе начујат нешто, па стануваат од таму, одат во друга куќа за да „помогнат“ и да ја раскажат приказната со додавки и.т.н. Така, приказната се ширела, а со тоа и побрзо минуваше времето при досадното нижење.

Во тоа време, најголем срам за еден родител или фамилија беше кога „нижат тутун со некој твој“. Но, приказната не завршуваше со тутунонижачите. Приквечер денот се поминуваше на порти, каде често се собираа комшии, но и портарки, кои го „доработуваа“ материјалот добиен од тутунонижачите.

Најлошо од сѐ беше што многу од приказните беа или измислени или многу исфилувани, така што оние на кои се однесуваа беа толку засрамени што дури и се исселуваа од градот.

Денес, тетка ми Љубе и тетин ми Блаже ги орат небеските ниви, а јас се сетив на нив. Зошто? Затоа што денес се чувствувам многу засрамено што дозволивме светот за „нижи тутун со Македонија“.

Вчеравечер читам и не верувам: „Германскиот Бундестаг вечерва ќе гласа за резолуцијата со која се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија, признание на македонската култура, идентитет и јазик, и 13 точки препораки за владата во Берлин. Резолуцијата ја поднесоа парламентарните групи на трите владејачки коалициски партнери во владата: Социјалдемократите, Зелените и Либералите“.

Та, до тука ли ја дотеравме социјалдемократи, зелени и либерали во Германија нам да нѝ ги признаваат македонската култура, идентитет и јазик? Зарем дотаму дојдовме, некои несоцијалдемократи, незелени и нелиберали во Германија да нѐ понижуваат џигерејќи се: „Ја сакате Северна Македонија во ЕУ?! Тоа е една корумпирана и нестабилна држава. Просечната социјална помош во таа земја е 50 евра месечно. Замислете таа земја да влезе во ЕУ и на два милиони луѓе да им дадеме пристап до нашиот социјален систем”, рекол Маркус Фронмајер од десно-радикалната АФД.

А замислете да пресметаме колку се вложило во едукацијата на нашите деца што работат токму во Германија, а кои Германија ги добила на тацна. Замислете какво здравство би имале ние за два милиони луѓе доколку во Македонија се вратат докторите и друг медицински кадар кои со години работат во Германија?

А кога ќе прочитам дека портарки, на кои лиги им течат од убост што некој „нижи тутун со нас“, не знам дали да плачам или да се смеам. Така, докажаниот Андреј Ковачев констатирал: „Проблемот, поточно чудната појава, е што бараат друга држава со одлука на Собранието да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друга слична појава на нашата планета, каде што една земја е толку несигурна по својот идентитет, јазик и култура што мора да бара од друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ги признае јазикот, културата и идентитетот“.

И јас не сум чула дека во светот постои држава која својот татарски корен инсистира да го замени со тракијски. Исто така, не сум чула дека во светот има држава која била рамо до рамо со фашисти во не така далечното минато, а сега фашистите бараат да бидат администратори. И јас не сум чула дека во светот има држава која се кити со перјата на рускиот проект од Сан Стефано, а се пенави за „слободата на Украина“. И јас не сум чула многу работи, ама ете некои од оние кои приквечерината ја минуваат пред порти, точно знаат што цел ден зборувале оние во гаражата.

За приказната да биде „цела“, дури и стигнале благодарности од „членови на фамилијата„ што сме биле во нечии усти и што сме биле предмет за подигравка во нечија гаража. И еве, признавам. Поразена и понижена сум од фактот што дозволивме некои да нижат тутун со Македонија.

Поврзани новости