Војната е вистинска закана, а Европа не е подготвена, предупреди полскиот премиер Доналд Туск, упатувајќи директен апел до европските лидери да направат повеќе за зајакнување на одбраната, да испратат итна воена помош за Украина и предупреди дека следните две години војна ќе бидaт одлучувачки.
Туск изјави дека Европа влезе во „предвоената ера“ и дека ако Русија ја победи Украина, никој во Европа нема да може да се чувствува безбеден, пренесе Би-Би-Си.
Тој за европските медиуми изјави дека рускиот претседател Владимир Путин веќе ја обвини Украина за терористичкиот напад на салата Крокус во Москва на 22 март, без, како што рече, докази и очигледно поради неговата потреба да ги оправда сè понасилните напади врз цивилни цели во Украина.
Полскиот премиер потсетува дека на почетокот на неделава Русија првпат во текот на денот го нападна Киев со хиперсонични ракети.
Туск истакна дека, без разлика кој ќе победи на претседателските избори во САД во ноември, Вашингтон сака Европа да стане воено самодоволна.
Тој пофали неколку европски лидери и ја истакна важноста на безбедносната соработка меѓу Полска, Франција и Германија, сојуз познат како Вајмарски триаголник.
Полска сега издвојува четири отсто од својот БДП за одбраната, додека членките на НАТО треба да издвојуваат два отсто од БДП.