Главните опозициски партии во Полска денеска објавија дека се подготвени да формираат влада под водство на Доналд Туск, барајќи од претседателот Анджеј Дуда да донесе брза одлука за трансфер на власта, пренесе „Ројтерс“.
Дуда, сојузник на владејачката националистичка партија Право и правда (ПиС), денеска и утре ќе има консултации со сите парламентарни партии кои влегоа во Собранието на изборите на 15 октомври.
Со оглед на тоа што на ПиС му недостасуваат доволно сојузници за да формира мнозинство, про-ЕУ опозиција е подготвена да ја преземе власта, по осум години кавга меѓу Варшава и Брисел за прашања кои се движат од независно судство до правата на ЛГБТ.
„Заедно со лидерите на демократските партии ја потврдуваме нашата подготвеност за целосна соработка и создавање мнозинство во следниот парламент“, изјави Доналд Туск, лидерот на најголемата опозициска група „Граѓанска коалиција“ (КО).
Делегацијата на ПиС, предводена од премиерот Матеуш Моравјецки, дојде денеска на разговор во претседателската палата, веднаш по разговорот на лидерите на опозицијата.
„Ќе се обидеме да создадеме мнозинска влада, но дали тоа ќе биде можно зависи од претседателот“, изјави владиниот портпарол Пјотр Милер.
Лидерите на трите групи кои имаат намера да ја формираат следната влада – КО на Туск, центристичкиот Трет пат и Новата левица – ја отфрлија можноста за соработка со ПиС и апелираа до Дуда веднаш да му даде мандат на Туск за формирање влада.