Туск му порача на Трамп: ЕУ не е создадена за да измами некого, туку да обезбеди мир

by Fokus

Полскиот премиер Доналд Туск денеска му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека Европската унија (ЕУ) не е создадена за да „игра и да измами некого“, туку да обезбеди мир, почитување меѓу народите и да гарантира слободна и фер трговија.

„ЕУ не е создадена за да измани некого. Сосема спротивно. Таа е создадена за да го зачува мирот, да изгради почит меѓу народите, да гарантира слободна и фер трговија и да го зајакне нашето трансатлантско пријателство. Толку е едноставно“, порача полскиот премиер на мрежата Х.

Туск, чија земја претседава со ЕУ до средината на оваа година, на овој начин реагираше на неодамнешното обвинување на Трамп дека ЕУ е создадена за да игра со САД.

„Тоа е нивната цел и тие направија добра работа“, рече неодамна Трамп, најавувајќи 25 отсто царини за стоките од ЕУ.

Европската комисија му одговори на Трамп дека е подготвена решително и итно да реагира на сите бариери што тој ќе ги постави за слободната трговија.

„ЕУ е најголемиот слободен пазар во светот и е благодет и за САД. Со создавањето на голем единствен пазар, ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји. Резултатот е дека американските инвестиции во Европа се исплатуваат одлично“, се вели во одговорот на Европската комисија.

Поврзани новости