Турците на историска пресвртница – Ердоган или прозападниот Киличдароглу

by fokus

Турците се на историска пресвртница – избираат меѓу двајцата фаворити за претседателските избори кои нудат драматично различни патишта за иднината на нивната земја.

По повеќе од 20 години на власт, Реџеп Тајип Ердоган ветува силна, мултилатерална Турција и отворање на шест милиони работни места и го обвинува Западот дека се обидува да го урне од власт.

Неговиот главен ривал, Кемал Киличдароглу, поддржан од широка опозиција, сака да ја насочи оваа земја-членка на НАТО назад кон прозападна, подемократска позиција.

Претседателот ги обвинува своите противници дека се „про-ЛГБТ“, додека неговата партија со исламистички корени се позиционира како на страната на семејството.

Од 2017 година, Ердоган ја води Турција со огромни претседателски овластувања, од огромната палата во Анкара. Како извршен претседател тој може да прогласи вонредна состојба и може да избира или разрешува државни службеници.

Ако победи, нема многу да се сменат работите вели Селим Кору, член на турската тинк-тенк Тепав. – Неговите овластувања се веќе толку широки што нема да бара дополнително да ги прошири, вели тој.

Но, човекот што сака да го замени сака да го укине претседателскиот систем и да стане „непристрасен“ лидер, без конекции со политичка партија.

Киличдароглу вели дека ќе ја врати Турција да има парламент и премиер на чело на земјата, и ќе ги оживее независните судови и слободниот печат. „Ќе им служам на сите 85 милиони граѓани на Турција. Ќе покажам почит кон секој од вас“, вети тој.

Останатите пет партии во неговиот сојуз ќе имаат по еден потпретседател, како и неговите сопартијци кои се градоначалници на Анкара и Истанбул.

Пред да го укинат моќното претседателство, можеби ќе треба да ги искористат неговите овластувања за да ги истуркаат реформите доколку немаат доволно контрола во парламентот.

Парламентарните и претседателските избори ќе се одржат на 14 мај.

 

Поврзани новости