Турција донесе одлука да го префрли предметот за случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги на судот во Саудиска Арабија. Ова денеска го соопшти локалната телевизија НТВ, повикувајќи се на Министерството за правда.
Вкупно 26 лица се обвинети во судскиот процес, вклучувајќи и поранешен близок советник на саудиската круна, во судскиот процес што се се води пред Истанбулскиот суд од јули 2020 година.
Турското Министерство за правда уште минатата седмица се произнесе дека ќе одобри трансфер на предметот, нешто за што Ријад веќе има поднесе барање.
Активистите за човекови права предупредија дека со префрлањето на предметот во судовите во Саудиска Арабија ќе згасне и последната трошка надеж за правда за убиениот Кашоги.
– Доколку турското судство се откаже и го предаде предметот на Саудиска Арабија, тоа ќе биде сериозен удар во потрагата по вистината, изјави Кристијан Мир од „Репортери без граници“.
Кашоги беше убиен на 2 октомври 2018 година во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде бил за да ја обезбеди потребната документација за да се ожени со неговата турска свршеничка Хатиџе Ченгиз, која за време на инцидентот го чекала пред зградата на Конзулатот.
Властите во Ријад го признаа инцидентот дури по големиот меѓународен притисок. Саудиска Арабија во 2019 година покрена судски процес по предметот, во кој осум лица добија долгогодишни затворски казни. Целиот процес беше отворено критикуван од јавноста поради тајновитоста на постапката.
Плановите за трансфер на предметот доаѓа во време на постепено подобрување на односите меѓу Анкара и Ријад, што беа доста затегнати токму поради убиството на Кашоги.