Турција го одложи плќањето на руски гас

by Fokus

Турција го одложи плаќањето на сметката од 600 милиони долари за руски природен гас до 2024 година, според договорот со Москва соопштија денеска два извори.

Договорот предвидува можност за одложување на плаќањето на повеќе од 4 милијарди долари во сметки до 2024 година, изјавија двата извора под услов да останат анонимни. Турција е многу зависна од увоз на енергија, а Русија е нејзин најголем снабдувач.

Договорот за одложување на плаќањата за гас го намалува притисокот врз девизните резерви на Турција, исцрпени од неортодоксната политика насочена кон зајакнување на лирата и зголемување на цените на енергијата, пишува Ројтерс.

„Исплатата на 600 милиони долари официјално е одложена за следната година. Голема улога во доцнењето одигра и поскапувањето на енергенсите“, изјави еден од изворите.

Турција може да го одложи плаќањето на повеќе сметки во наредните месеци, во зависност од движењето на цените на енергијата, додаде тој.

Руското и турското министерство за енергетика и енергетските компании Гаспром и Ботас не одговорија на барањето на Ројтерс да ја коментираат информацијата за одложувањето.

Турскиот министер за енергетика Фатих Донмез минатата недела изјави дека Турција и Москва постигнале договор со кој ѝ дозволува на Анкара да ги одложи плаќањата за енергија до одредена сума, но не наведе детали. Сметката за увоз на енергија во Турција минатата година достигна рекордни речиси 100 милијарди долари.

Турците викендов ќе излезат на претседателски избори, а анкетите покажуваат дека претседателот Таип Ердоган би можел да претрпи пораз, најмногу поради кризата со трошоците за живот и наглото слабеење на лирата, главно предизвикано од намалувањето на каматните стапки и покрај високата инфлација.

Поврзани новости