Турција ќе го ограничи извозот на широк спектар на производи во Израел, вклучително и челик и авионско гориво, додека не се објави прекин на огнот во палестинскиот Појас Газа, соопшти денеска Министерството за трговија.
Ограничувањата ќе го опфатат извозот на производи од 54 различни категории, вклучувајќи железо, мермер, челик, цемент, алуминиум, тули, ѓубрива, градежна опрема и производи и воздухопловно гориво, се вели во соопштението на Министерството.
„Одлуката ќе остане во сила сè додека Израел, според неговите обврски кои произлегуваат од меѓународното право, итно не прогласи прекин на огнот во Газа и не дозволи непречена испорака на доволна количина хуманитарна помош за Појасот Газа“, се вели во соопштението.
Тоа е прва значајна мерка на Анкара против Израел од почетокот на конфликтот меѓу израелските вооружени сили и палестинскиот Хамас во октомври минатата година, забележува Ројтерс.
Ограничувањата стапуваат на сила веднаш откако Израел го одби барањето на Турција да учествува во испораката на воздушна помош за Палестинците во Газа, соопшти Анкара. Израел одговори дека ќе возврати исто, велејќи преку министерот за надворешни работи Израел Кац дека Турција „еднострано ги прекршила“ билатералните трговски договори.
Турскиот претседател Таип Ердоган „повторно ги жртвува економските интереси на турскиот народ за да го поддржи Хамас, а ние ќе одговориме исто“, додаде Кац.
Турција го осуди Израел за неговите воени операции во Појасот Газа по упадот на Хамас на израелска територија во кој загинаа повеќе од илјада луѓе. Во израелските операции во Газа досега загинаа повеќе од 35.000 луѓе, а се заканува и масовен глад.
Ограничувањето на извозот е првата значајна турска мерка против Израел од почетокот на конфликтот пред шест месеци, забележува Ројтерс. Анкара повика на итен прекин на огнот и ја поддржа тужбата на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП). Сепак, тие продолжија да тргуваат со Израел, што предизвика бран критики во турската јавност, потсетува Ројтерс.
Во саботата, полицијата во Истанбул приведе десетици демонстранти кои бараа прекин на трговијата со Израел, а властите суспендираа двајца полицајци кои учествуваа во инцидентот. Турција веќе престана да ги испраќа сите стоки во Израел што може да се користат за воени цели, објави Министерството за трговија.
Опозицијата предводена од Републиканската народна партија (ЦХП) ја поддржа одлуката за ограничување на извозот во Израел, но смета дека мерките не се доволно обемни. ЦХП повика на целосно запирање на трговијата со Израел, додека другите партии ја повикаа владата да го блокира воздушниот простор и пристаништата за авиони и бродови на пат кон Израел.
Според податоците на Асоцијацијата на турски извозници (ТИМ), трговијата со Израел е намалена од 7 октомври, но извозот расте секој месец годинава. Вкупниот извоз во првите три месеци од годинава и натаму е за 21,6 отсто помал во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на ТИМ.