Во големите поплави што ги погодија градовите во турските области на Црното Море, загинаа 70 луѓе, а продолжува потрагата по 47 исчезнати лица, објавија денеска властите во Турција, пренесе Ројтерс.
Поплавите направија хаос минатата недела, откако водите од поројните дождови оштетија десетици автомобили. Купишта отпад има по улиците, а уништени се згради, мостови и електрична инфраструктура, затворени се и патишта.
60 луѓе загинаа во поплавите во провинцијата Кастамону. Уште девет лица загинаа во Синоп и едно во Бартин, соопшти турската Управа за катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Четириесет и седум лица исчезнаа во Кастамон и Синоп, се вели во соопштението.
Снимките од беспилотните летала покажуваат огромни штети во градот Бозкурт во провинцијата Кастамону, каде спасувачките тимови во текот на викендот ги пребаруваа уништените згради.
Повеќе од 2.000 луѓе беа евакуирани од погодените области, некои со помош на хеликоптери и чамци, соопшти АФАД.
Метеоролозите предупредија на натамошни поплави поради очекуваните обилни врнежи од понеделник во провинциите на Црното Море, источно од регионите погодени минатата недела.