Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан кој денеска е во посета на земјава, побара од македонската Влада поголема поддршка во борбата против тероризмот, пред сè, во борбата против организацијата ФЕТО коja Турција ја прогласи за терористичка организација.
Тој побара и поголема грижа за турското малцинство во земјава, пред сè, изучувањето на мајчиниот јазик.
„Се надеваме дека новата влада ќе има чувствителен пристап кон борбата против тероризмот особено кон ФЕТО, зашто ФЕТО не е само опасност за Турција, туку и за сите земји каде е присутна оваа организација. Очекуваме Северна Македонија да даде помоќна поддршка во борбата со оваа терористичка организација“, рече Фидан.
Според турскиот министер сите прашања кои се извор на потенцијална дестабилизација мора да се решаваат на мирен начин, низ дијалог.
„Турција има активен пристап за мирно решавање на проблемите кои продолжуваат во Босна Херецговина, само преку диајлог. Ги поддржуваме и меѓународните иницијативи. Го поддржуваме процесот меѓу Белград и Приштина… Даваме максимален придонес. Имаме единствен начин – мирно, преку дијалог до решение за проблемите“, посочи Фидан.