Три децении партиска партизанштина и инсталирање во институциите на неграмотни корисни идиоти со фалш дипломи. Партиски властодршци со когнитивна дисонантност ги глодаа и анулираа знаењето, стручноста, правдата, емпатијата и одговорноста, а преферираа кретенизам, лаги, пљачки и вградување во клептократскиот систем.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Изминa и оваа година, како сите до сега. Чувство на веќе видено! Честитања и желби за среќна и бериќетна нова, со надеж и оптимизам дека сѐ што било чурук ќе замине и нема да се повторува. Традиционален дочек на денот за нов почеток.
Триесет и три години се чека подобар живот. Фактички транзицијата сѐ уште трае и прашање е кога ќе се заврши? Толкав период статус кво мафиите облечени во власт го шетаа народот по ќерамиди. Толку време медиокритетите и клиентите, чие животно мото е „Per anus ad astra“, во средина на средина наоѓаа средина и имаа свое аминување „Така е“!
Веќе ептен јасно стана дека Мафијадонија тешко ќе ја биде. Синдром на „Петар Пан“ со одбивање да се порасне! Не може сама да ја проектира иднината. Ја разнебитија посесивните властодршци, кои лажат и кога дишат! Со Преспанската мафијашка иницијација „Бакнеж на смртта“ го прекрстија името на државата, а со фаталниот „Француски дил“ го шитнаа идентитетот.
ЛЕТ ВО МЕСТО
Три децении партиска партизанштина и инсталирање во институциите на неграмотни корисни идиоти со фалш дипломи. Партиски властодршци со когнитивна дисонантност ги глодаа и анулираа знаењето, стручноста, правдата, емпатијата и одговорноста, а преферираа кретенизам, лаги, пљачки и вградување во клептократскиот систем.
Концесија со „Турни ме, да кинисам“ Мафијадонија да ја шлепаат и поттурнуваат „стратешки партнери“. До даска игнорирање на препораките на Прибе од пред една деценија. Лет во место со „лидери“ – матрјошки под кодни имиња Папа, Мона Лиза, Гаргамел, Патор, Мародер, Таче. Логореично мантрање со честичката „ќе“, како глагол од идно време „лажам“. Немање суштинска разлика меѓу нив – матрјошки од живописно обоени дрвени кукли, кои се вгнездуваат една во друга.
Стар чокајлиски табиет на мрзливост, некадарност и неодговорност. Продуцирање калакурница, рушвет и разваљотка. Три децении симулација на држава. Р’бет на општество од недоквакани медиокритети и лигави подлизурковци.
Чистење и отарасување од ваков џган е рецептот од репликата во култниот филм „Среќна нова ‘49“: „Гомнарот со гомнарски цефки се маа“. Алатка со која секој просечен Македонец би ги исправил човечките, политичките, социјалните, правните и космичките неправди. Воспитна мерка за која не се знае дали се користела во пракса, но нема двојба дека теоретски би била мошне ефикасна.
Доказ беа предновогодишните полициски акции за чистење на арамилакот. Акции важни за иднината, последна шанса за спас од распарталениот клептократски систем Мафијадонија. Останува само да се види до каде ќе се оди.
ГУБИТНИЦИ СО ПРСТОТ ВО УСТА
Тридецениското искуство покажа дека јавноста многу често се замајуваше и затапуваше со спектакуларни полициски акции, кои немаа судска завршница. Вообичаено, по нив следуваа партиски пазарења и дилови, кои резултираа со политизирање на криминалот и криминализирање на политиката.
Токму затоа не смее да се гледа дали чашата со вода е до половина полна или до половина празна, туку со реален оптимизам. Успехот против „октоподот“ најмногу ќе зависи од департизацијата и елиминирањето на фалсфејшерите и „кртовите“ во полицијата.
Посебно од реформата на метастазираниот со корупција правосуден систем, со процент на доверба на статистичка грешка. Во тој контекст, скепса предизвикува индикативното пишманење за укинување на „тајните друштва“, Судски совет и Совет на јавни обвинители.
Секое време има своја генерација со идеали, соништа и илузии. Мојата „Бејби бум“ и генерацијата на нашите деца „Миленијалци“ не се остварија. Не успеавме во изминатите триесет и три години да направиме пристојно место за живеење. Бевме поразени. Губитници со прстот во уста. Остана само реторички да се прашуваме: за што и како се боревме? И одговорот: за бадијала, системот целосно нѐ обезвредни, изгубивме младост, години и душа!
Светот останува на младите. Големата надеж е во „Z“ (Zed) генерацијата, родени од 1995 до 2012 година и особено „Алфа генерацијата“, родени од 2013 до денес, прва што ќе го доживее следниот век. Тие се синоним за дигитално махерство, визија и енергија, кои ќе имаат пресудна улога во креирањето на македонската иднина.
Дотогаш, во Новата 2025 година, работите ќе продолжат како и до сега – турни ме, да кинисам. Чуден трип: национална деградација, дежа ву и амнезија истовремено!