Туристичко-угостителскиот сектор со барања до министерот – меѓу нив формирање на Гарантен фонд за туризмот

by Frosina Fakova

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска се сретна со претставници од Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора на Македонија на која се разговараше за проблемите со кои се соочува секторот туризам и угостителство, сектор којшто е еден од најпогодените од здравствено-економската криза.

Од Здружението за туризам и угостителство доставија неколку барања кои Министерството за економија ќе ги разгледа во најбрз можен рок, со цел да се дејствува навремено.

Меѓу барањата од Здружението за туризам и угостителство да се продолжи поддршката за придонеси на вработени, и финансиска поддршка за минимална плата до март месец следната година, ослободување на ДДВ за услуги во угостителството во времетраење од една година, да се предвиди ослободување од ДДВ на туристичките услуги кои се извршуваат надвор од Европската унија, и да се поедностави процедурата за субвенции. Меѓу барањата кои што ги достави туристичкиот сектор се и формирање на Гарантен фонд во туризмот, финансиска поддршка за маркетинг активности за дојдовен туризам, зајакната промоција во земјите од регионот и од Европската унија…

На состанокот беше договорено да се организира заедничка Конференција помеѓу Министерството за економија и туристичкиот сектор за одбележување на Денот на туризмот 27 Септември на која главни теми на дискусија ќе бидат актуелната состојба предизвикана од кризата од која ќе произлегуваат предлог мерки за поддршка на секторот како и реформа на туризмот и угостителството во насока на зајакнување на извозната компонента на секторот.

Министерот на средбата информирал дека досега се искористени над 25 илјади ваучери за поддршка на домашен туризам, а најголем дел од средствата за финансиска поддршка за исплата на минимална плата се искористени токму од туристичко-угостителскиот сектор, што покажува дека во прв момент поддршката била во вистински правец. Во овој момент Министерството за економија и Владата имаат поголема предвидливост за наредниот период и врз таа основа ќе ги креира идните мерки.

Министерот, исто така, информираше дека во програмата на Владата за четиригодишниот мандат е предвидено намалување на ДДВ на ресторантски услуги, што е едно од долгогодишните барања на туристичките работници.

Поврзани новости