Угостителите, туристичките агенции и сметководителите денеска протестираа пред Владата барајќи средба со економскиот тим на Владата.
Очекуваат да бидат повикани на средба во Владата и при имплементацијата на шестиот пакет мерки да бидат земени предвид и нивните барања. Во следните денови ќе им остават простор на надлежните институции да постапат по нивните барања, а по празниците, ќе излезат со нов план на активности доколку не наидат на разбирање.
– Без вистинска и континуирана поддршка, нема спас за овој сектор. Веруваме дека средствата кои се предвидени во шестиот пакет мерки можат да помогнат да се ублажат штетите со кои се соочува туристичко-угостителскиот сектор, доколку се имплементираат на соодветен начин. Имајќи предвид дека постапките и процедурите за нивна имплементација се уште не се познати и објавени, бараме во имплементацијата да се земат предвид и нашите барања бидејќи тие произлегуваат од реалните потреби на најпогодените сектори, изјави денеска Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора.
Барањата, како што истакна Ангеловски, веќе се доставени до Владата.
Угостителите и туристичките агенции, кои минатата недела протестираа пред Министерството за финансии, бараат финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност, како и финансиска неповратна помош за лиценцираните туристички агенции. Се бара и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории според бројот на вработени, како и утврдување на мораторум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки или од Развојната банка се додека траат рестриктивните мерки.
Туристичките агенции бараат и ваучерите од проектот „Дома си е дома“ да одат преку нив и да биде преименувана одлуката на Владата за нереализираните ваучери за патување, односно наместо до 31 декември годинава, рокот да биде продолжен до 31 декември 2022 година.
Сметководителите, кои се приклучија на протестот, бараат директна неповратна финансиска помош, транспарентно донесување закон за сметководствени работи, пролонгирање на роковите за годишните сметки и даночните пријави, како и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок.