Формирање на Јавно претпријатие за туризам со цел развој на туризмот во општина Битола, вечерва во дебатна емисија на ТВ Телма за локалните избори најави кандидатот на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалник на Битола, Христо Кондовски.
-Во ова јавно претпријатие за туризам покрај луѓе од општината, покрај советниците, ќе бидат вклучени и луѓе од еснафот, од туристичките агенции и од угостителските објекти. Целта на ова претпријатие ќе биде да ги задржиме туристите на повеќе од еден ден во Битола. Секаде каде бев меѓу граѓаните, меѓу тие целни групи, сите го потенцираа истото. Значи тоа јавно претпријатие егзактно ќе се бави со таа проблематика. Ќе биде лоцирано во близина на спортската сала и тој проект ќе го промовирам во наредните денови, рече Кондовски.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски пак најави обнова и доизградба на туристичката рута Тумбе кафе – Смолево.
-Како што реков со донесувањето на ГУП и со донесувањето на ДУП-ови ќе се овозможат локации, места каде што ќе можат инвеститорите кои се во најава да инвестираат во изградба на објекти, туристички капацитети. Тоа секако ќе го зголеми и туристичката градска понуда во градот. Ние сме спремни во самиот почеток уште да ја ревитализираме, обновиме и доизградиме туристичката рута Тумбе кафе – Смолево, тоа е една прекрасна пешачка зона која може да се оплемени и со велосипедска патека и содржини кои ќе бидат атрактивни за секојдневното туристичко движење низ градот, појасни Коњановски.