Во Дојран на 17-ти јули беа регистрирани првите случаи на Ковид-19. Според Центар за јавно здравје Гевгелија, станува збор за сопружници на возраст од 37 и 35 години, кои изнајмувале сместувачки капацитети, нивното двемесечно бебе, жена на возраст од 37 години која работела кај нив како собарка, како и нивниот матичен лекар на возраст од 59 години и неговата 58-годишна сопруга.
Сите лица се во добра состојба, на домашно лекување, освен мажот на возраст од 37 години кој поради пројавени симптоми се наоѓа на лекување на одделение во Струмица.
-Во Дојран се очекуваше дека кога-тогаш ќе пристигне вирусот. Поради пројавени симптоми, на 14-ти јули му беше земен брис на пациентот, но и на неговите блиски. Резултатите кои ги добивме на 17-ти беа позитивни. Станува збор за лица кои изнајмувале сместувачки капацитети, и жената која работела кај нив како собарка е исто инфицирана. До денес имаме шест лица позитивни од тој кластер, околу 20 нивни контакти се во изолација. Знаеме од каде потекнува кластерот, контактирани се сите нивни гости, од сите градови, некои дури и самите се јавуваа. Да, можеме со сигурност да кажеме дека вирусот во Дојран е увезен, односно донесен од посетители од друг град. Не сме изненадени, Дојран и Охрид се туристички места, да се надеваме дека се ќе биде во ред со пациентите, но и да се спазуваат мерките за заштита од страна на сите посетители, за да не се шири вирусот – за „Фокус” појаснува епидемиологот Саше Олумчев од Центар за јавно здравје Гевгелија.
Резултатите за Дојран, како и за Богданци се водат под општина Гевгелија. Во Дојран периодов има доста гости од целата земја. Голем број на превозници од внатрешноста на своите страници рекламираат еднодневни тури за време на викенд во Дојран и Охрид.
Уште минатиот месец, кога Дојран започна да се полни со туристи, градоначалникот Анго Ангов апелираше посетителите да ги почитуваат мерките за заштита, а општински работници дури и делеа бесплатни заштитни маски на туристите.
Вики Клинчарова