Министерот за правда, Никола Тупанчески смета дека правно гледано одредбите на законите па и оној за граѓански здруженија и фондации не треба да се применуваат ретроактивно иако постојат институции кои можат да реагираат ако примената на законот не е во согласност со постоечката регулатива.
Секој конструктивен предлог за измените на Законот за здруженија и фондации ќе биде прифатен, изјави денеска министерот за правда, Никола Тупанчески одговарајќи на новинарско прашање за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој не сакаше да прецизира дали ќе побара преименување на бугарските клубови „Иван Михајлов” и „Цар Борис Трети” туку рече дека за тоа постојат и други институции.
-Легалистички гледано, одредбите не треба да се применуваат ретроактивно, меѓутоа доколку се констатира дека има одредена неправилност или активност што не е во согласност со законот, има и други институции кои имаат можност да постапуваат, изјави Тупанчески.
Тупанчески информираше дека советодавното тело заседавало и пред него претстои сериозна обврска да се произнесува во однос на тоа дали историските ликови кои што имаат контроверзно минато можат да бидат дел од името на здружението, односно на фондацијата.
,-Тоа е советодавно тело кое што треба веднаш да реагира и да работи на амортизација и неутрализација на состојбите кои што настанаа во оваа сфера а се до моментот додека не бидат донесени измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации, рече Тупанчески.