Тупанчески за „Таргет и Тврдина“: Од хеликоптер се гледа дека нешто не е во ред, 9-10 месеци предметот стоел во Апелација

by fokus

Министерот за правда Никола Тупанчески, на денешниот брифинг со новинари, се согласи дека застарувањето на судските предмети е голем проблем, поради што и во изминатиот период имаше големи реакции во јавноста. Тој вели дека и студентите по право имаат предмет Судски менаџмент, за тоа како предметите да се донесат до завршница.

-Менаџирањето во судството не е лесна работа. Тоа не значи да се договориш каква да биде пресудата, туку како предметот во разумен рок да се доведе до крај, истакна министерот Тупанчески, кој додаде дека се надева дека проблемите ќе се надминат со измените на Законот за кривична постапка и на Кривичниот Законик кои се во процедура.

Прашан за коментар за застарувањето на предметите од СЈО, министерот Тупанчески се осврна на предметот за масовното нелегално прислушување во УБК, „Таргет и Тврдина“, чија првостепена пресуда неодамна беше укината на Апелација, со што предметот, особено делата за кои се гони Сашо Мијалков застаруваат за две години.

-Од хеликоптер се гледа дека нешто не е во ред. Дури 9-10 месеци предметот стоел во Апелација, искоментира Тупанчески, додавајќи дека сепак одговорноста на судиите треба да ја цени Судскиот совет.

В.В.

Поврзани новости