Тунтев зема плата од 3.000 евра, а Бислимовски и Шуклева по околу 2.000 евра

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција обвини дека функционери на власта земаат огромни плати додека трае голема економска и здравствена криза.

-Дали Томислав Тунтев како директор на оваа Агенција за цивилно воздухопловство, назначен од СДСМ, зема месечна нето плата од 3.000 евра или 180.000 денари, односно бруто плата од 270.000 денари секој месец? Во овој случај кадарот на СДСМ за 20 месеци доколку ја зема оваа плата откако е назначен има инкасирано околу 60.000 евра нето плата, пари од граѓаните. Ова се околу 8 до 9 нето просечни плати во Република Македонија, што ги земаат граѓаните, наспроти платата што ја зема овој функционер на СДСМ секој еден месец. Тука не ги вбројуваме трошоците за службени возила, репрезентации и бонуси – рече Димче Арсовски, портпарол на ДПМНЕ.

Тој го спомена и Марко Бислимоски, претседател на регулаторната комисија за енергетика.

-Дали Бислимоски, кој им ја покачи струјата на граѓаните во ек на економска и здравствена криза што е никаде во светот невидено, зема нето плата секој месец од над 2.000 евра, поточно околу 2150 евра секој месец или 130.000 денари, односно бруто плата околу 200.000 денари? Во овој случај, откако е назначен Бислимоски, за 26 месеци има земено нето плата над 55.000 евра, пари од државата и граѓаните. Потенцирам 55.000 евра легнуваат за овие наназад месеци откако е назначен Марко Бислимоски, на неговата сметка, како нето плата, додека од друга страна ја покачува струјата на сите граѓани – рече Арсовски.

Исто така, тој го посочи  примерот со Ева Шуклева, директор на државната институција МЕПСО.

-Прашуваме дали е точно дека платата на првиот директор Сашо Василевски од СДСМ, а потоа и на неговиот наследник, Ева Шуклева актуелната директорка во МЕПСО изнесува над 110.000 денари нето секој месец? Во овој случај, во своето директорување Сашо Василевски заработил за околу 2 години над 43.000 евра нето плата, а актуелната која што го замени Сашо Василевски, на истата позиција директор на МЕПСО, за 14 месеци награда директор за партиската активност во СДСМ, над 26.000 евра нето примања – рече Арсовски.

Поврзани новости