Новиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов за жена гувернерка на Народната банка на Република Македонија што доаѓа од редот на професионалци – експерти, сметам дека ја заслужува нашата поддршка, изјави за МИА координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.
Анита Ангеловска – Бежоска, актуелен вицегувернер во НБРМ, е новиот предлог на Иванов за гувернер, откако денеска Димитар Богов се повлече од кандидатурата.
Тунтев потсети дека минатото лето пратеничката група предводена од СДСМ го искажала својот афирмативен став и ја дала својата поддршка за Ангеловска – Бежоска, кога го поддржале и гласале нејзиниот реизбор на функцијата вицегувернер на НБРМ.
– Имајќи го предвид нејзиното импозантно CV, нејзиното богато искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврда на претстојната координативна средба на пратеничката група на почетокот на наредната сеница, вели Тунтев.
Во изминатите неколку недели, додаде, се надевавме дека ќе се изнајде решение меѓу претседателот Иванов кој го има правото да предлага гувернер на НБРМ и Парламентот кој го избира гувернерот со мнозинство гласови од пратениците.