Не постои никакво загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, исто така не постои никаков пријавен настан, инцидент или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, изјави за МИА директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), Томислав Тунтев, по вчерашниот инцидент во М-НАВ.
Тој објасни дека во Контролата на летање, работат искусни и стручни професионалци, кои многу добро си ги знаат своите обврски и должности за одржување безбедно небо.
„Во врска со вчерашните случувања, инспекторите од АЦВ, во рамки на своите овластувања, извршија вонреден инспекциски надзор и од областа на безбедноста и од областа на обезбедувањето на воздушниот сообраќај. Целта на ваквиот надзор е да се дојде до неопходни сознанија за евентуални недостатоци во системите за безбедност и обезбедување, кои би можеле да имаат евентуални последици врз сообраќајот и таквите последици да се отстранат“, изјави Тунтев.
Тој најави дека по завршување на надзорот ќе бидат преземени сите неопходни корективни мерки и утврдена евентуална конкретна одговорност.