Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, на денешната собраниска седница рече дека опозицијата сака да ја одолговлекува седницата со фактот што 16 пратениници се пријавиле за збор за точката за разрешување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Според опозицијата ваквото разрешување е уставно и незаконско, затоа што се работи за регулаторно тело што подлежи на посебни услови во случај на разрешување. Тунтев реплицираше дека се е согласно законите.
-Очигледно не се работи за комисијата туку за да се одолговлекува седницата за да не дојде на ред точката за измени на Изборниот законик. Како и да е, за јавноста да биде објективно информирана и вистинито, законот предвидува дека предлог за разрешување на претседател и членови може да поднесе и Владата. Тогаш што е спорно? – рече Тунтев.
Коорднаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, релицираше дека Тунтев нема што да коментира колку пратеници се јавиле за збор.
-Дали вие сугерирате за која точка опозицијата смее да се јавува за збор, за која не смее. Бевте опозиција и кажувавте колку е потребна дебата. Еве ви дебата. Дебатираме за незаконско и неуставно менување на членови на комисија. Затоа не се пријавувате да дискутирате, затоа што знаете дека вршите незаконско и неуставно дело – рече Данев.
Тунтев се јави процедурално за збор и рече:
– Деловникот малце повеќе го читав од вас и пишува таму за говорење на тема која не е на дневен ред. Ја имате дебатата ама да дебатираме за суштински работи, а не за нешто што е законско – рече Тунтев.
Во препукувањето меѓу Тунтев и Данев се уфрли претседателот на Собранието, Талат Џафери, укажувајќи дека ни едниот ни другиот не ја користат можноста за процедурално согласно Деловникот.
-Сите читавте, ама недочитавте – рече тој.