По апсењето на поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, денеска веднаш со реакција излегоа од општинската организација на СДСМ. Тие се сомневаат дека апсењето на екс градоначалникот преставува политичка хајка и пресметка со неистомислениците на власта.
– Загубената доверба во судството, селективната правда, контролата на власта врз судството и политичкоти притисок врз судиите, нотирани во Извештајот на ЕК, Извештајот на американскиот Стејт департмент и извештаите на други меѓународни организации, оставаат сомнеж дека и овој случај на приведувањето на поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески претставува политичка хајка и пресметка со неистомислениците на власта – истакна Томислав Тунтев, претседател на Општинската организација (ОО) на СДСМ во Охрид.
Тој праша дали Александар Петрески е жртва и „на фијаското на градоначалникот на Охрид, Бакрачевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој не може да ги реализира ветените проекти од неговата програма, а ги задолжува охриѓани и дали на власта и треба нов политички прогон со монтиран судски процес за одвлекување на вниманието на јавноста од секојдневните скандали и случувања кај нас?
– Кога Петрески беше градоначалник на Охрид, локалната власт беше под силен притисок, постојана контрола и целосна блокада на работењето од страна на централната власт на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ – нагласи Тунтев.