Директорот за Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев смета дека не треба да се очекува аеродромите во земјава да бидат отворени пред 15 јуни. Моментално во земјава, бројот на летови во споредба со претходната година е само 7 до 10 отсто и во нив се опфатени воените летови, специјалните медицински, државните, хуманитарните летови и летовите за репатриација на државјаните кои останале надвор од територијата на земјава за време на избувнувањето на пандемијата и се затворањето на границите во сите европски држави, известува „Порталб.мк“.
– Одлуката за отворање на аеродромите е врз основа на податоците од Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб, ние како регулаторно тело немаме влијание врз истата, ние можеме само да им ги дадеме податоците од другите земји во Европа, за аеродромите на другите држави, за одредбите и прописите за летање што ги објави Европската Унија – и ние тоа го правиме секој ден, но одлуката ќе биде донесена врз основа на здравствената состојба во земјата. Одлуката за отворање на аеродромите ќе зависи од другите мерки, пред сè од укинувањето на карантинот и отворањето на меѓународните граници за движење на граѓаните, бидејќи знаете дека во аеродромите границите се меѓународни и важат истите правила како и за другите граници. Моја проценка е дека пред 15 јуни аеродромите сигурно нема да бидат отворени, а во врска со тоа, каква ќе биде ситуацијата овие денови со бројот на заразени и оддржливоста на здравствениот систем, мислам дека во вториот дел од јуни би можело да се донесе одлука, но сето ова е претпоставка – вели Тунтев за „Порталб.мк“.
Тој вели дека аеродромскиот оператор, ТАВ е подготвен да почне со работа, според препораките за заштита од КОВИД-19.
– Начелно сме во комуникација со операторот ТАВ. Тие се подготвени. Конечните подготовки во врска со означувањата, правилата, критериумите, одредбите, сè е во подготовка. Така да сето ова, според мене, зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата кај нас, во кое ниво ќе ни биде здравствениот систем и дали ќе се засилат мерките за задолжителен карантин во текот на влегувањето на странците во нашата земја – вели Тунтев.