Тунева: Препишувањето и крадењето изјави е проблем што е препознатлив за некои медиуми

by fokus

Препишување на цели новинарски текстови, но и објавување на изјави дадени за друг медиум без да се цитира тој медиум, се честа појава во македонските медиуми. Овој проблем е најизразен кај онлајн медиумите, но е присутен и во останатите видови медиуми.

На оваа тема „Фокус“ разговараше со директорката на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, која вели дека плагијаторството е еден од основните гревови во новинарството.

-Препишувањето и крадењето изјави е проблем што, за жал, е препознатлив во известувањето на некои медиумиПлагијаторството во денешно време е „олеснето“ со помош на новите технологии, при што доволен е еден клик и содржината да се преземе како своја. Во новинарството тоа е еден од основните гревови на професијата.
Практиката на Советот за етика во медиумите (СЕММ), како тело за медиумска саморегулација, го потврдува овој проблем, вели Тунева.

До СЕММ биле поднесувани 0жалби за украдени изјави и интервјуа дадени за конкретен новинар или медиум, а вообичаено тоа го правеле директно засегнатите.

-Ако новинарите искористиле информација дадена за друг медиум одговорни се јасно да упатат на тоа и да го посочат изворот. Во таквите случаи информацијата резултирала од трудот на друг новинар или редакција и тоа не смее да биде злоупотребено и претставено како свое дело. Друго е ако информацијата е добиена на прес-конференција или друг вид јавно обраќање кон сите медиуми.
СЕММ се обидува да придонесе во ставањето ред во оваа област преку одлуките на Комисијата за жалби, која што во својата работа се предводи од Кодексот на новинарите на Македонија. На кражбата на авторски текстови и фотографии е посветен членот 12 од Кодексот. Тој гласи:  „Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“. Во насоките за негова примена стои дека: „непочитувањето на авторските права  се смета за грубо кршење на етичките правила“.

Сепак, СЕММ нема ингеренции за посебни мерки за казнување.

-Иако одлуките на СЕММ се во вид на морални санкции, сепак на ниту еден медиум, колку и да се однесува игнорантски, не му е сеедно да биде ставен во списокот на нарушувачи на етиката. Во исто време, да не заборавиме дека заштитата на авторското право е регулирана и со закон, па во таа смисла потребно e негово доследно спроведување, вели Тунева.

К.С.

Поврзани новости