“Тука живеам, одлучувам, постојам“, АОПЗ започна кампања за Пописот 2021

by Fokus

“Тука живеам, одлучувам, постојам“ е слоганот со кој започнува кампањата за Пописот во државава кој го спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите заедници во Северна Македонија, креирана и спроведена од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во Република Северна Македонија со финансиска поддршка од Европска Унија.

– За Агенцијата за остварување на правата на заедниците сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на Република Северна Македонија. Затоа важно е на пописот да покажеме дека ние тука живееме, одлучуваме, постоиме, вели Еран Куртиш, директор на Агенцијата.

Во кампањата како претставник на турската заедница се вклучи студентката Елиф Илијаз, од влашката заедница новинарката и уредничка Јана Михаилова, од ромската заедница студентката Џемилиана Абдулова, од бошњачката заедница правничката Мерсиха Смаиловиќ, од српската заедница преведувачот Стефан Радуловиќ, како и Мирољуб Орландиќ кој е Претседател на Мрежа за мултикултурно општество.

– Република Северна Македонија е мултикултурна држава. Во неа живеат многу различни етнички заедници, кои зборуваат на многу различни јазици и за нив пописот е важен. На овој попис секој треба слободно да си ја искаже својата етничка припадност. Тука живеам, одлучувам, постојам, додава Орландиќ.

Според Агенцијата најважно е на овој Попис малубројните заедници да покажат дека можеме сите заедно да ги креираме политиките во државава.

– Затоа е многу важно да се почитува Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија со кој се уредува остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% проценти, а се загарантирани со Уставот, како и надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и законите со кои се утврдени тие права, додава Куртиш, директорот на Агенцијата.

Поврзани новости