Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) започна преговори со германскиот селектор Томас Тухел во врска со местото селектор на англиската репрезентација, објави денеска Sky Sports.
Фудбалската асоцијација на Англија се распрашала за статусот на Пеп Гвардиола веднаш откако Герет Саутгејт поднесе оставка во јули, но менаџерот на Манчестер Сити во моментов не се смета за кандидат за селекторската функција на Англија, објави Скај.
Саутгејт поднесе оставка откако освои два сребрени медали на Европското првенство (2021, 2024), бронзен медал во Лигата на нации во 2019 година и четврто место на Светското првенство во 2018 година со репрезентацијата на Англија, за 8 години како селектор.
Ли Карсли е вршител на должноста селектор на Англија, а во првите четири натпревари забележа три победи и еден пораз од Грција.
Со Челси, Тухел ја освои Лигата на шампионите, Светското клупско првенство и Суперкупот на Европа во 2021 година, со Пари Сен Жермен двапати ја освои француската лига (2019, 2020 година), додека со Баерн Минхен ја освои Бундеслигата во 2023 година.
Ако Тухел стане селектор на Англија, тоа би бил третиот странец кој ќе ја води англиската репрезентација, по Швеѓанецот Свен-Јеран Ериксон и Италијанецот Фабио Капело.