Туфегџиќ: Во убиствата на Вања и Панче имало умисла, за вакви дела се изрекува доживотен затвор

by Fokus

Владимир Туфегџиќ – екс судија од Кривичен суд Скопје, моментно адвокат во утринската емисија на националниот сервис рече дека самиот факт што осомничените со себе носеле вреќа за спиење покажува дека кривичното дело, односно грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска било сторено со умисла. Тој рече дека за убиството на девојчето и за егзекуцијата на велешанецот Жежовски, за вакви кривични дела, се изрекуваат максимални казни, односно доживотен затвор.

„Очигледно дека секој од осомничените имал своја улога во овој грозоморен настан и дека тоа било направено со умисла. На девојчето му ги врзале рацете и нозете, па го ставиле во вреќа за спиење. Тоа не се наоѓа на улица, туку мора да го носите со себе со намера да сторите нешто. Така што за ова кривично дело имало умисла. За таткото кој е осомничен законодавецот е јасен, ако се докаже спрега помеѓу таткото и осомничените како директни извршители на кривичното дело, секако дека неговата судбина нема да биде поразлична од онаа на другите во оваа постапка“, вели Туфегчиќ.

За информациите дека првоосомничениот за убиствата Љупчо Палевски-Палчо се наоѓа во Турција, адвокатот Туфегчиќ вели дека со оваа земја имаме меѓународна соработка.

„Тој наводно се наоѓа во Турција. Нашите органи на прогон треба да добијат потврда дека лицето се наоѓа на одредена земја и да биде распишана меѓународна потерница, па потоа да биде упатено барање на екстрадиција. Со Турција имаме договор за меѓународна соработка потпишан во Анкара во 1997 и имаме билатерален договор и не очекувам да има никакви процесни проблеми бидејќи и до сега во судската пракса не било спорно постапувањето помеѓу Македонија и Турција“, рече Туфегчиќ.

Апелира до сите кои се вклучени во оваа постапка – да ги тргнат емоциите на страна и да се раководат само од законите.

Поврзани новости