Иако стартната позиција на конкурентката Лилјана Шопова остава впечаток дека таа може да се смета како главен играч, со оглед дека во моментов ја извршува функцијата претседател на апелација, сепак низ судството повеќе се лицитира со името на Туфегџиќ. По пензионирањето на претседателката Љупка Арсениевска во нејзината фотелја привремено седна Шопова, судијка од апелација, до моментот додека Судскиот совет го избере новиот претседател.
На конкурсот, според информации на Фокус, имало пријавено најмалку петмина. Освен Туфегџиќ и Шопова во трката се вклучуваат Роза Георгиева, Јованка Никодиновска, еден судија Албанец од апелација… Судскиот совет се уште ја нема закажано седницата за избор на претседател и најверојатно се филтрираат пријавите.
Доколку Туфегџиќ биде избран, тоа ќе значи дека судството го следи примерот со Лидија Неделкова, која експресно, за неколку години се искачи на највисокото место во судската хиерархија. Таа од позиција на претседателка на Кривичниот суд се премести директно во Врховен и го фати последниот вагон да ја прескокне законската обврска дека за во Врховен е неопходно работно искуство во апелација. Но, ако биде избран за претседател по само шест години во судството, Туфегџиќ ќе го исполни тој критериум, па Врховен ќе му стане блиска дестинација.
Инаку, тој и Неделкова заедно работеа во Кривичниот суд. Туфегџиќ и беше портпарол, но и истражен судија. Двајцата станаа попознати во јавноста со досието „Пајажина“ за Велија Рамковски и А1 телевизија. Двајцата објавија дека имаат анонимни телефонски закани токму за тој предмет. Нивната соработка од тоа време, низ судството се коментира како можност таа да го истурка на повисока позиција. Има претседателско место во Врховен, кое пак и носи многу други функции по службена должност, од кои едната е членството во Судскиот совет.
Како увертира на конечниот избор за претседател на апелација, врховниот суд искажа наклонетост кон Туфегџиќ во неговото конфронтирање со претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Имено, Врховен го прифати приговорот на Туфегџиќ со кој се спротистави да премине во редовите на судиите во кривичниот оддел за полнолетни од местото судија во претходна постапка (истражен судија) како што имаше одлучено Панчевски. Сега, согласно одлуката на Врховен, Туфегџиќ не сакал да прими предмети за работа како судечки судија. Ваквата ситуација меѓу судиите се коментира дека Туфегџиќ веќе уживал поддршка за новата позиција. До кога и со каков интензитет ќе траат несогласувањата меѓу него и Панчевски е неизвесно. Дали до изборот на Туфегџиќ за претседател на апелација?