Туфегџиќ: Членовите на Судски совет должат образложение зошто не ги избрале најдобрите кандидати за судии во Апелација?

by fokus

Судијата Владимир Туфегџиќ го коментира последниот избор на судии во Апелација, истакнувајќи дека најмалку очекувано било членовите на Судскиот совет да ги образложат нивните одлуки. Поточно, да образложат зошто не биле избрани најдобро рангираните кандидати.

“За свеста и совеста на Судскиот совет. Вчера од страна на Судскиот совет беа избрани судии во Апелациониот суд Скопје.

Судската фела и јавноста, најмалку што очекуваат е јавно и аргуменирано образложение на секој од членовите на судскиот совет за нивната одлука да го дадат или не својот глас за одреден кандидат, според сопствената свест и совест, особено поради фактот на постоење на претходно утврдена ранг листа на предложените кандидати.

Имено, членовите на Судскиот совет и должат на судската фела образложение за причините поради кои не го дале својот глас за избор на кандидати кои се долгогодишни судии и докажани професионалци во судската фела, при тоа високо рангирани на утврдената кандидатска листа.
Тука пред се мислам на судии од Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд Куманово, Основниот суд Велес и судии на Основниот Кривичен суд Скопје и други судови, рангирани во првите 10 судии на утврдената ранг листа.

За да не бидам погрешно разбран, јас не учествував во изборот на судии во повисокиот суд, поточно од 2016 година воопшто не учествувам во ниту еден од изборните процеси.

Во постапката за измени на Законот за судови и Законот за Судски совет се залагав за транспарентен и јавен процес на избор на судии и претседатели на судови и при тоа предложив, запознавањето со кандидатите за судии во повисоките судови да биде јавно и транспарено а воедно кандидат за Претседател на суд задолжително да ја претстави својата програма за работа пред колегиумот на судии во судот каде што претендира да биде претседател, и доколку добие подршка од мнозинството судии за својата програма, истата да ја достави до Судскиот совет со својата кандидатура, бидејќи програмата за работа на претседателот ги засега пред се судиите во судот а не само Судскиот совет.

За жал ваквите предлози не беа дел од законските измени и доколку не го смениме пристапот кон поимањето за “свеста и совеста“ ќе имаме и во иднина дискутабилни избори на судии проследени со шпекулации и негативни коментари во јавноста, напиша судијата на фејсбук.

Поврзани новости