За сите изгубени животи на Онкологија

Главното соочување со тешката болест е моментот кога почнува да паѓа косата, па турбаните и марамите стануваат „заштитен знак“, имиџ на секој еден пациент, жртва на кој било вид карцином. Секој нов ден носи сѐ потешки удари, но и уште потешки одлуки. Не дај боже, некој тоа да го почувствува на своја кожа

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Морници, траор, гнев, бес, страв, се првите чувства со кои се соочува секој еден пациент и целото негово семејство, кога за првпат ќе ја слушне страшната дијагноза, дека е болен од карцином.

Оваа вест продолжува да одѕвонува уште неколку секунди во ушите и тука наеднаш како експлозија „бомбардираат“ сите измешани чувства, кои го преплавуваат телото и целиот досегашен свет се урива како кула од карти.

Ова е само првиот удар. По него следуваат нови удари и удари. Почнувајќи од моментот на прифаќање и соочување со болеста, за што нема многу време, со оглед на тоа што се работи за болест опасна по животот и која се шири со брзина на светлината, па сѐ до почнувањето на битката со самата болест. Е, од тука почнува уште пострашниот период.

Од друга страна, македонското здравство воопшто не олеснува. Следува долгиот и трнлив пат, кој го поминува секој еден пациент само за да ја потврди опасната болест. Чекање за снимање од неколку месеци, па чекање уште неколку за да се прочитаат резултатите и да се стигне до скопската Клиника за онкологија, каде што и почнува третманот за лекување.

Секој еден лекар работи со одредена област, поточно третира одреден вид карцином. На ред доаѓаат хемотерапиите, зрачењата, чекање со часови по шалтерите, па чекање во редици од по пет, шест часа за влез кај докторот, на кој му се потребни нецели пет минути да те погледне, ништо посебно да не каже и да те прати да си ја примиш неопходната терапија, нели ако ја има. Секоја чест на исклучоците.

Сепак, главното соочување со тешката болест е моментот кога почнува да паѓа косата, па турбаните и марамите стануваат „заштитен знак“,  имиџ на секој еден пациент, жртва на кој било вид карцином. Секој нов ден носи сѐ потешки удари, но и уште потешки одлуки. Не дај боже, некој да го почувствува тоа на своја кожа.

Оваа тема е толку чувствителна, не само за тоа што станува збор за подмолна болест, на која никогаш не ѝ се знае крајниот исход, туку уште пострашно е тоа што бројките алармантно растат, а веќе секое второ семејство во државава се соочило со ужасите што ги носи ракот.

Таа ужасна болка, огромни суми пари, страв, гнев бес, трчање по болничките ходници, чекање на шалтери, чекање кај доктори, испитувања, хемотерапии, зрачења ја поминавме и јас и моето семејство.

Мојата мајка почина на 56-годишна возраст од најагресивниот вид карцином на белите дробови. Се бореше со болеста, а и ние со неа речиси година и пол, сѐ додека не метастазираше на мозокот, каде што за два месеца почина на најлош и најболен можен начин. Јас ја немам повеќе мојата мајка, таа не можеше ни да се спаси. Но, да помогнеме и да придонесеме барем за тие што можат да се спасат.

Точно знам од искуство ние како семејство што поминавме и сочувствувам со сите што поминуваат низ ова најтешко патешествие во животот.

Целта на овој текст не е да пишуваме само за страшните случувања на скопската Клиника за онкологија, туку да покажеме како изгледа само еден ден на еден болен од рак и на неговото семејство, па на тој начин да допреме до сите оние лекари и медицински персонал, кои ги лекуваат и се грижат за овие пациенти да помогнат да се затворат страшните поглавја на клиниката, која е последниот зрак надеж.

Досега објавивме страници и страници за наводни криминали на клиниката, манипулации со терапиите, фиктивни истории и којзнае уште што сѐ ќе излезе. Тоа мора да запре сега.

Институциите веќе работат на случајот и да се надеваме дека јавноста ќе има можност да го види лицето на вистинските виновници. Ама, на вистинските виновници, без разлика на функциите што ги имале. А, од друга страна, тоа да биде поука за сите оние, кои на некој начин подзаборавиле на Хипократовата заклетва.

И да се разбереме, во овој период Онкологија се најде на ѕидот на срамот, но тоа не значи дека сите клиники се Мајки Терези, светици, како и по името што го носи самиот комплекс. Со документите со кои располагаме, има уште неколку онкологии, за жал. А, уште пожално што самите пациенти се жртви на криминал, корупција, наместени тендери… Поточно, нивниот живот е ставен на коцка.

Дали овој скандал за првпат ќе промени нешто во македонското здравство, ќе покаже времето. Дали тие лекари и медицински персонал, кои се во филм дека се богови, малку ќе си ги намалат егото и суетата и ќе работат за тоа што учеле, за борба за здравјето на пациентите.

И редно време е една Онкологија да биде расчистена до крај и никогаш да не се повтори!

Поврзани новости