Претседателката на Република Српска (РС), Жељка Цвијановиќ изјави дека пресудата за првиот претседател на РС Радован Караџиќ, нема, ниту може да има политички последици за РС.
Таа истакна дека се утврдува само индивидуална вина и оти во никој случај не се однесува на цела РС, ниту за нејзината иднина.
– Но, постои тој горчлив вкус и оправдана недоверба која постоеше и претходно кон судењата на Хашкиот трибунал, рече Цвијановиќ и додаде дека тоа не придонело за подобри односи во БиХ.
– Селективниот пристап нѐ оддалечи едни од други, рече таа.
Таквите пресуди, рече Цвијановиќ, служат како изговор за некои други акции што се случувале на овие простори.
– За време на војната имаше многу случувања, а и политички притисоци по војната, па се чини дека се ова треба да служи како оправдување за сето она што подразбираше однос кон еден експеримент, бидејќи очигледно БиХ е поставена како еден експеримент, рече претседателката на РС.
Таа додаде дека „имајќи ги предвид претходните пресуди на Хашкиот трибунал, можела да се очекува и денешната за Караџиќ“.
– Поучени од она што се случуваше во претходниот период и следејќи ја целата низа настани кога станува збор за судските процеси во Хашкиот трибунал, можевме да заклучиме дека ќе се случи нешто како денешната пресуда. Следејќи го сето она што се случуваше можевме да видиме дека има селективен пристап кон правдата и оти постоел политички концепт многу пред почетокот на судењето и пред луѓето да бидат повикани да одговараат за одредени дела врз основа на сомнежите што постоеле, рече Цвијановиќ.