Општина Лозово доби нов градоначалник, младиот Бошко Цветковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој во вториот круг на гласање освои повеќе гласови од неговиот претходник, Ацо Велковски од СДСМ.
По четири години на функција, Велковски чие име често се сретнуваше во јавноста поради обвинувања за мобинг од вработени жени, поради обвинувања дека поголемиот дел од времето го минувал во Германија наместо на работа, но и поради општинската наградна игра каде неговата ќерка ја доби наградата шпорет (за кој изјави дека ќе биде дониран), тој повеќе не е градоначалник, а Цветковски за ,,Фокус” раскажува за мотивите да извојува победа над Велковски, но открива и сознанија кои бара да бидат детално истражени од надлежните органи.
-Жителите на Општина Лозово знаат добро со какви притисоци се соочуваа изминатите четири години. Мобингот за кој некои од нив сведочеа и пред камери беше на очиглед на целата јавност. Една од жените која беше жртва на мобинг е и мојата мајка. За време на владеењето на Велковски, овде важеше паролата – Или си со мене, или си против мене. Токму сите тие случувања, таа партиска поделба која стана секојдневие во општината, беше еден од мотивите да се изборам за промени, да ставам крај на таквото владеење, и да го обединам нашиот народ – вели Цветковски, кој е дипломиран правник и зад себе има две факултетски дипломи.
Високо Образование завршил на Правниот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип каде дипломирал Применета политика и Дипломатија, а потоа со втора факултетска диплома и специјализација во делот на Казнено право, се здобил на МСУ Гаврило Романович-Державин во Свети Николе.
Во минатото, во своите рани дваесетти години беше познат и на клупската сцена, како диџеј Екстрим, име по кое и денес го препознаваат. Тој додава дека најавата за изградба на кафилерија, односно како што вели фабрика во која ќе се уништуваат мрши од целиот Балкан во нивната општина, исто така придонела во голема мера да го крене својот глас.
Појаснува дека станува збор за проект кој би бил доста штетен, посебно бидејќи Лозово е земјоделски крај, и обвинува дека Велковски сакал да го протне истиот на нетранспарентен начин, без населението да биде информирано за што точно станува збор.
-Додека сум јас на функција, во Лозово нема да се дозволи горење на мрши од целиот Балкан! Ова е чист земјоделски крај и така треба да остане. Велковски наводно одржуваше некакви јавни расправи на темата, кои всушност и не беа јавни, народот не доби можност да ги дознае сите детали, да го каже својот став по повод оваа најава, за еден ваков проект. Залагањата за здрава и чиста животна средина остануваат мои приоритети до крај, и верувам дека тоа го препознаа и граѓаните – раскажува Цветковски. Покрај тоа, тврди дека има сознанија за Велковски кои ќе ги достави во Германската Амбасада, и повикува надлежните органи да ги истражат, а јавноста да биде транспарентно информирана за исходот од истрагата.
-Скандалозни сознанија имаме, дека во периодот од 2017/2018 година, Велковски чие семејство престојуваше во Германија, во градот Нирнберг, а тој беше често таму, бил барател на социјална помош од германските служби. Барам тој да се изјасни по повод овие сознанија до кои дојдовме, да и појасни на јавноста дали се вистинити, но исто така бараме и надлежните служби да се позанимаваат со случајот, дали навистина градоначалник за време на својот мандат барал социјална помош од друга земја. Тоа не смее да се крие и е прашање од јавен интерес – вели Цветковски.
Додава дека од првиот момент на новата функција, постојано до него доаѓаат нови сознанија за владеењето на Велковски, па јавно прашува дали навистина тој купил стан во Виена, дали има нов автомобил кој никаде не е пријавен, дали во анкетните листови го пријавил имотот на неговите родители… -Ова се податоци кои можат и треба детално да се проверат. Ги охрабрувам надлежните институции да истражат темелно што се случувало во изминатите четири години, дали имало злоупотреби, и доколку ги имало, да се сноси одговорност за нив – порача Цветковски.
Вики Клинчарова