Откако денеска беше поднесена кривична пријава против директорот на МРТ, Марјан Цветковски за злоупотреба на службената положба, тој експресно се огласи во јавноста, тврдејќи дека е изненаден од кривичната пријава против него, со оглед на тоа што секогаш работел законски.
„Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана во недела наутро дека против мене е поднесена кривична пријава, и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина, ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот – тврди Цветковски.
Тој додава дека иако постојат многу сугестии, коинциденции и поврзувања, сепак не би сакал да верува дека оваа поднесена кривична пријава е резултат на фактот дека повторно добил доверба да ја раководи МРТ.
„Напоменувам дека МРТ е сериозен и гломазен систем, каде во секоја постапка учествуваат голем број на служби и секој во рамките на своите надлежности постапува. Сакам да напоменам дека за споменатиот договор има судски спор и не е исплатен во целост. Во овие специфични услови и амбиент, верувам дека ќе ја докажам правдата и нема да дозволам оваа постапка да ме девалвира и да ме дефокусира од реализацијата на мојот план за подигнување на МРТВ на едно повисоко квалитативно ниво во секој поглед, како и да ја развивам постојано улогата на МРТВ како промотор на државните, Европските и евроатлантски вредности – истакна Цветковски.