Ова е толку чист случај на дискриминација врз основа на род и кршење на човекови права што апсолутно не ми е јасно како е возможен ваков општествен и политички молк, вели активистката за човекови права на маргинализирани заедници, Ирена Цветковиќ, во врска со условите во кои издржуваат затворска казна затвореничките во женското одделение во КПУ Идризово. Проблемот беше актуелизиран откако сопругот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, објави дека таа нема право на одмор, работно ангажирање и посети надвор од установата, како што имаат мажите затвореници.
„Случајот на Јанкуловска отвора многу прашања и проблеми поврзани со различниот третман на мажите и жените кои отслужуваат казна затвор, но и прашањата на човековите права на истите. Што побогу прават институциите чиј мандат е заштита на правата и еднаквоста на СИТЕ луѓе? Дали се свесни дека оние во затворите се исто ЛУЃЕ?Искрено, среќа е што се прозбори за темава. Не сме еднакви додека секоја една од нас не е еднаква“, напиша Цветковиќ.