Цветковиќ: Основна заштита од крлежи и болви, носете светла облека и избегнувајте висока трева

by Fokus

Почна топлото време, иако постојат рестриктивни мерки поради коронавирусот сепак децата и возрасните, но и милениците гледаат да поминат повеќе време надвор, во парковите и излетничките места, па токму поради тоа се почесто граѓаните се жалат на присуство на крлежи и болви и бараат совети што да направат.

Како одговорен сопственик на миленик, од суштинско значење е да знаете и дека заштитата од паразити не треба да биде избор, туку правило. Користењето на препарати кои ги одбиваат крлежите и болвите и не дозволуваат да се хранат од миленикот има клучна улога во спречувањето на појавата и ширењето на заболувањата кои ги пренесуваат и на луѓето. Важно е да знаете дека преку заштитата на здравјето на миленикот, индиректно се заштитувате и вие. Редовно консултирајте се и со вашиот матичен доктор по ветеринарна медицина. Сепак и самите знаеме дека постојат многу бездомни животни, кои не се заштитени, така што некои инсекти може да го загрозат нашето здравје, вели  др. Александар Цветковиќ, научен соработник на Катедра за паразитологија и паразитни заболувања при УКИМ – Факултет за ветеринарна медицина – Скопје.

Според него крлежите и болвите може да бидат активни преку цела година, но нивниот број почнува да се зголемува од крајот на март, достигнувајќи пик кон крајот на пролетта и летото и постепено се намалува во есенскиот период. Tие можат да бидат голем проблем за милениците и нивните сопственици. Освен тоа што се гладни за крв, можат да предизвикаат и сериозни здравствени проблеми.

-Додека спортувате или шетате со миленикот, најдобро е да се движите по средината на обележана патека и да избегнувате контакт со околната вегетација, особено со висока трева. Пожелно е облеката што ја носите да покрива што поголем дел од кожата и да биде светла, за во случај ако се закачи некој крлеж да можете лесно да го забележите и отстраните. Дополнителна заштита е и користењето на репеленти за лична употреба, вели  Цветковиќ.

Според него за разлика од нас, милениците, особено кучињата, многу често и многу лесно доаѓаат во контакт со крлежите. Од тие причини, најважно е миленикот да биде превентивно и правилно заштитен преку третман со препарати за накапување на кожата, таблети за јадење и околувратници со продолжено дејство. Најдобра заштита се обезбедува со препарати кои се акарициди и репеленти, т.е. ги убиваат веќе закачените крлежи и ги одбиваат останатите крлежи оневозможувајќи им да се закачат на миленикот, a истото може да се примени и за болвите. За долготрајна заштита и за најсоодветниот третман на вашиот миленик консултирајте се со вашиот матичен доктор по ветеринарна медицина, објаснува тој.

Крлежите не се закачуваат веднаш и одредено време се движат по површината на телото барајќи погодно место на кожата.

Секогаш проверувајте го миленикот, но и себе си за евентуално присуство на крлежи после секоја прошетка, особено после долготраен престој надвор во шумски предели и области со бујна вегетација, паркови, игралишта. Крлежите не се закачуваат веднаш и одредено време се движат по површината на телото барајќи погодно место на кожата. Тие сакаат топли и влажни места, можат да се закачат било каде на кожата, но најчесто се наоѓаат на главата, вратот, ушите, препоните и пазувите и кај луѓето и кај животните. Кај луѓето можат да се најдат и на половината и зад коленото, а кај децата најчесто се на главата, зад ушите и долж линијата на косата.  Проверката на миленикот почнува со преглед на крзното за да се види дали има крлежи кои се движат. Доколку ги забележите, лесно и ќе ги отстраните. Но, најчесто се скриени во крзното и доколку се закачени, тогаш полесно ќе ги почувствувате под прстите отколку да ги видите. Прегледот треба да биде темелен и да започне од шепите, по што следат задниот дел на телото, препоните, стомакот, градите, пазувите и вратот, а да заврши со главата. Општо земено, крлежите имаат овална до кружна форма, кафеаво-сива боја и големина од неколку милиметри, која кај женките полни со крв може да достигне и 1 см. Понекогаш се случува крлежите да се најдат во домот без да се забележат на миленикот. Ова е знак дека или миленикот или некој член на семејството донел крлежи дома. Токму од овие причини на прегледот после секоја прошетка треба да му се посветува особено внимание, објаснува Цветковиќ.

На кој начин треба да се отстрани крлежот, на што треба да се внимава?

Ако најдете крлеж на вашиот миленик, треба што е можно побрзо да го отстраните. Крлежите и сами се откачуваат кога ќе завршат со хранење, но не чекајте премногу долго затоа што се хранат со денови, а колку подолго се хранат, толку е поголема веројатноста да пренесат некој причинител на заболување. Од тие причини, важно е да знаете како брзо и правилно да го отстраните крлежот. Дел од крлежите кои слободно се движат по телото и не се закачени можат да се отстранат со четкање на миленикот. Крлежите кои се веќе закачени и полни со крв се отстрануваат со специјална алатка, т.н. “кука за крлежи” или со пинцета со остри врвови. Постапката е идентична и во случај на наод на крлежи кај луѓето. Подобро е да не не ги отстранувате сами, контактирајте го вашиот матичен лекар и постапувајте согласно дадените совети, појаснува Цветковиќ.

Покрај крлежите многу често напаѓаат и болвите, особено децата

Болвите се ситни, кафеави, бескрилни инсекти кои се хранат со крв. Тие се најчести ектопаразити (надворешни паразити) на милениците активни во текот на целата година. Имаат космополитска распространетост и милениците најчесто ги добиваат преку контакт со други животни или од околината. На отворено, слично како и крлежите, болвите се наоѓаат засолнети во вегетацијата и чекаат да помине домаќинот.

-За разлика од крлежите, болвите скокаат и може многу лесно да се пренесат од едно на друго животно или на човекот. Преку миленикот, но и преку нас, болвите стигнуваат и до нашите домови, каде брзо се размножуваат. Само 5 отсто  од популацијата на болви се возрасни инсекти кои живеат на миленикот. Останатите 95 проценти се нивните развојни форми (јајца, ларви и кукли) кои се наоѓаат насекаде низ домот, особено на темни и влажни места. На тој начин нашиот дом станува извор за нови инфестации. Карактеристичен знак дека миленикот има болви е постојаното чешање и лижење на иритираната кожа, што може да доведе и до опаѓање на влакното. Болвите ги напаѓаат и луѓето, многу често децата, но не живеат на нас.  Најчесто може да се најдат на долниот дел на нозете и околу скочните зглобови, а каснувањата изгледаат како мали црвени испакнатини и многу чешаат, објаснува Цветковиќ.

Според него во случај на присутна инфестација со болви, пристапот е друг и неопходно е да се третира и миленикот но и неговата животна средина, односно вашиот дом. Целиот дом, особено местата каде миленикот најчесто се движи, лежи или спие, треба да се чисти со правосмукалка 2-3 пати неделно. Со ваквото чистење се отстрануваат јајцата и ларвите, а вибрациите при чистењето го стимулираат развојот на куклата во возрасна болва. Без крвен оброк болвите не се размножуваат и можат да преживеат неколку дена. Ако миленикот е правилно заштитен, тогаш болвите кои ќе се прикачат на него, за кратко време ќе угинат. Не заборавајте и редовно да ја перете целата постелнина, вклучително и таа на миленикот. Во домот може да се користи и специјален спреј против болви со кој е пожелно да се прскаат тешко достапните места (под мебелот, пукнатини во подот и сл.). Ако живеете во куќа, редовно косете ја тревата во дворот и третирајте ги со инсектицид местата каде што миленикот најчесто се движи. Во случај на силна инфестација на домот, најдобро е да повикате професионална служба која ќе спроведе инсектициден третман.

Соња Танеска

Поврзани новости