Поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Цветанка Иванова и актуелен генерален секретар на Собранието и битолскиот адвокат, Васко Талевски неофицијално ќе бидат предложени за нови уставни судии. Ова засега се неофицијални информации од собраниски извори, а предлозите се уште не се официјализирани на Комисијата за избори и именувања.
Иванова е дипломиран правник и еден период беше и координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието. Другиот предлог е битолскиот адвокат, Васко Талевски кој бил во раководните структури на владејачката СДСМ. За третиот предлог кој треба да биде од немнозинските заедници засега не шпекулира. Иванова вели дека не може да ги коментира информациите бидејќи се уште нема официјални предлози.
Пратениците кои се членови на Комисијата за избори и именувања денеска требаше да ги предложат имињата за новите уставни судии кои треба да ги заменат досегашните судии, Никола Ивановски, Елена Гошева и Сали Мурати чиј деветгодишен мандат истече минатата недела. Според процедурата, како што објаснува претседателот на Комисијата, Костадин Костадинов, на самата комисија членовите предлагаат нови уставни судии и доставуваат биографија за кандидатите. Откако пратениците ќе ги разгледаат биографиите, комисијата одлучува за предлозите и потоа ги доставува до пленумот на конечно одлучување на следната наредна седница.
Од опозицијата брифираат дека на Комисијата е хаос и дека ниту тие како членови официјално не ги знаат имињата на новите уставни судии. Сепак засега нема нови информации од Комисијата откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара пауза.
На дневен ред на седницата има вкупно 21 точка.
Хелсиншкиот комитет за човекови права предлага да се смени начинот по кој се бира уставен судија и според нив, условот да биде кандидатот „истакнат правник“ остава простор за манипулација.
-Досегашната практика на избор на уставни судии недвосмислен укажува на крајна политизраност, односно партизираност на постапката за избор која како своја последица го има изборот на уставни судии што многу повеќе се истакнуваат со својата лојалност кон партиите или одредени центри на моќ, отколку како правници, реагираа од Хелсиншки.
Новите уставни судии треба да добијат поддршка од 61 пратеник.