Во тек е координација за безбедно отстранување на пронајдено експлозивно средство, бомба, во куќа во Тетовско, информираат од Центарот за управување со кризи.
– На единствениот телефонски број за итни случаи 112 при ЦУК е добиена информација од дежурен од ОЦ-СВР – Тетово за настан во село Долно Палчиште дека при претрес на објект – куќа, била пронајдена рачна бомба, стои во соопштението од ЦУК.
Согласно оперативните стандардни процедури, за случајот е известен и раководителот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од Тетово, а случајот бил пријавен и во Полициската станица во Тетово.
– По известувањето на сите надлежни институции, за понатамошна постапка се чека екипа деминери од ДЗС Тетово за, согласно процедурите, експлозивното средство безбедно да биде подигнато од лице место, наведуваат од ЦУК.